Запознај ја Дајана – Македонската Мастер Шефица!

Ви ја претставуваме Дајана Аритоноска – вистинска МАСТЕР ШЕФИЦА во кујната, љубител на здрав и спортски живот, исклучителен уметник кога е храната во прашање. За нејзиното име допрва ќе се слуша надалеку, бидејќи кога со искрена љубов и посветеност се насочите кон остварување на вашите соништа, тогаш граници не постојат. Погледнете зошто тоа е така …

 

  • Дајана, која е „тајната“ на твојот успех?

Искрено колку и да звучи клише љубовта е таа што секогаш го дава оној специфичен шмек на мојата храна. Преку готвењето ја споделувам својата енергија и поради тоа не влегувам во оној круг на класични готвачи. Сакам интеракција со своите гости, да го гледаат своето јадење како се приготвува со чаша вино во рака и да уживаат во неговиот целосен процес, не само во негово конзумирање.

  • Кога се роди желбата за готвење?

Пораснав со македонска традиционална храна, со комати и питулици, и љубопитноста секогаш постоеше како и желбата, ама подоцна почнав, после средно, а со сите по дома мераклии по готвење добро е и што тогаш дојдов на ред 🙂

  • Што најмногу сакаш да приготвуваш?

Тесто, тесто, тестоо!! 🙂 Сите си имаат омилен нож, јас омилено сукало. Домашен леб, пити, кифли, погачи..

   

  • Покрај толку вкусно зготвени јадења, ти сепак си во одлична фит форма. Како ти успева?

Јас сум најблиску до веган со начинот на исхрана, тоа е мислам најчудното што би го кажала за себе.. се готвам а јадам само зеленчук, овошје и апетисани.. напоредно на тоа цел живот по балет, танц, спорт, возење точак и многу пешачење дури и по 20 km дневно (за добра форма, а опушта и мозок).

  • Каде може да ги пробаме твоите специјалитети?

Моментално никаде само со блиски, по гости си готвам ама со големи планови за во иднина што се надевам од пролетва ќе почнам да ги реализирам.

  • Кога да го очекуваме твојот прв македонски традиционален гурмански ресторан?

Се надевам за година, две максимум.

  • Фиксиран ресторан на една локација или добра храна од ресторан на тркала?

Фиксиран ресторан вон центар, природа по можност на висина. Свој дом и ресторан. Целосна посветеност, енергија и присутност.

  • Каде се гледаш себеси за 10 години од сега?

Се гледам на некој фин плац со солиден отворена кујна-ресторан со органска градина.. многу овошја и зеленчуци и во склоп на тоа – винарија. Наздравје! 🙂

 

Дајана ти посакуваме многу среќа во остварување на твоите планови во иднина, а гледајќи по зготвеното и начинот на кој ја пренесуваш твојата заразна енергија на храната која ја готвиш, веруваме дека многу набрзо тоа ќе се случи. Со нетрпение чекаме да бидеме твои гости, каде со добро вино и фина храна ќе разговараме за убавините во животот и ќе уживаме во благодетите кои природата ни ги дава приготвени од твоите умешни и вредни раце.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0