Зарем и деца пијат Хербалајф???
Пред некој ден налетав на слика постирана од македонска мајка, каде нејзиното дете држи чаша полна шејк, до него кутија со фамозниот прашок од Хербалајф, тој со палците нагоре, со порака до сите родители: “Навиките се стекнуваат на рана возраст“!
Детето има околу 12 години и некој килограм повеќе. Тој не знае што пие, бидејќи зема тоа што родителот му дава и му кажува дека е правилно и здраво за него. Се поставува прашањето:
Какви навики создава родителот кај децата ако наместо учење на здрава и правилна исхрана ги учи на разни прашоци, шејкови и вештачко создадени производи?
Прибегнување кон вештачка храна, наместо создавање здрави навики е ТОТАЛНО ПОГРЕШНО! Никој не ви забранува вам драги родители да пиете што сакате, да ја одржувате телесната тежина со разни прашоци и да го промовирате и продавате овој производ, но на дете кое е малолетно, кое допрва ги стекнува навиките кои ќе го пратат целиот свој живот, кое јаде и пие тоа што ќе му се сервира и понуди е основна грешка од вас како родител.
Децата треба да се учат на здрава храна, изобилие од свежо овошје и зеленчук, риба и мешунки, течна храна, чорби, супи и секако многу ВОДА!
Покрај толку разноврсна и шарена храна полна со витамини и минерали која се нуди на нашите пазари, вие го нудите „полесниот“ пат за креирање „балансирана“ исхрана и „здраво“ слабеење на вашето дете? Какви тоа здрави навики создавате вие кај вашето дете?
Решението е во построг режим на детето. Да се намалат доколку не можат од старт да се забранат брзата храна и благото. Колку пати во неделата детето јаде хамбургери , тостови, пекарски производи, газирани сокови, чипсови, разни грицки, чоколади и останати високо калорични, нездрави производи? Тука треба да се реагира и менува, а не да се задржат старите навики а да се замени оброкот со шејк!
Наместо шејк направете му еден вистински пијалок директно од соковник: јаболко, портокал, морков, цвекло и лимон. Вистинска витаминска бомба која ќе му даде екстра енергија и ќе го стимулира и поттикне неговиот имунитет. Направете еден вистински шејк – протеинско смути, доколку навистина сакате да замените еден оброк, но користејќи здрави производи: авокадо, банана, спанаќ, индиски ореви, по некој бадем и чиа семе.
Учете ги децата уште од мала возраст на здрави навики и правилна исхрана, а тие ќе ви бидат благодарни целиот свој живот. Доколку куќата ви е полна со нездрави грицки и благо, детето секако ќе посегнува по нив, но доколку ги наполните чиниите со јаболки, киви, портокали и мандарини, банани, бадеми и ореви, верувајте дека тоа со сласт ќе се насладува од понуденото. Вашите здрави навики ќе се пренесат на вашите деца кои понатаму ќе ги пренесуваат на идните генерации.
Почнете од вас, а децата ќе го следат вашиот пример.
Искрено ваша, Михаела