Како од „Медена земја“ до богата и просперитетна Македонија?

Колкумина од вас се спремни да платат не само 10 евра, туку 20 и повеќе евра за едно тегличе природен мед од диви пчели од скромната и достоинствена Атиџе? Јас секако да, бидејќи здравјето нема цена и знам дека добивам врвен квалитет на чист мед, недопрен од индустријата или измамниците кои продаваат шеќер со грам мед во нив, кој секако влијае на нашето здравје но во погрешен правец, во негово влошување наместо подобрување.

Колкумина се спремни да купат врвен кочански ориз, произведен од вредните раце на македонскиот земјоделец кој упорно се труди да дојде барем во чекор со пазарот кој е преплавен со ориз од Узбекистан, Таџикистан и така натаму-кистан? Да не зборуваме за квалитетен грав, компири, сирење, млеко, овошје и зеленчук..

Сите тие субвенции и парична помош кои се надеваме завршуваат во вистински раце а не во фиктивни или измислени парцели, производи или бизниси се одличен потег, но, како една Атиџе да слушне за нив, како да посети некоја конференција на кои се презентираат таквите проекти или да направи бизнис план како би била во трка со останатите „поискусни“ производители?

Самата држава треба да има обврска да ги пронајде сите овие „диви“ производители и да им помогне во тоа што го прават, а придобивки ќе има за обете страни.

Тоа што може да почне како фамилијарен бизнис, со што не само старите, туку и младите би останале покрај своето огниште бидејќи ќе имаат од што и за што да живеат и создаваат, може да продолжи во проширување и опфаќање на соседните краишта со што ќе оживеат напуштените и пред згаснување топли, природни предели, полека но сигурно прераснувајќи во македонски бренд чиј квалитет надалеку ќе се прочуе. Луѓето бараат чисто, недопрено, „органско“, природно, и можеби не сите, но повеќето се подготвени и повеќе да платат, но за тоа да знаат дека ќе добијат точно тоа што им се продава, здрав високо квалитетен производ.

Во сите високо развиени држави се иде кон развивање на руралните средини, само кај нас се иде кон претрупување на главниот град. Со тоа не само руралните околини и села, туку и останатите градови во Македонија полека тонат и замираат.

Мора да се изнајде стратегија, но вистинска и насочена кон вистинските потребители на истата, како би вродило со резултат. Да биде достапна до сите, и да биде транспарентна, отворена, чесна и професионална.

Време е да се изнајде стратегија за спас на Македонија како целина, а создавањето на македонски бренд производи ќе ги задржи и македонските млади потенцијали кои можат и умеат да ја вивнат државата до небото, со труд, иницијатива, креативност и знаење, со помош на мајката природа која Македонија несебично ни ја дава.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0