Дали наставната програма е преобемна и треба да се скрати?

Деновиве социјалните мрежи се преплавени со разни коментари и ставови околу он-лајн учењето, како тоа ќе влијае на децата и дали ќе доведе до нивна делумна „неписменост“, зголемено препишување и поминување со неучење, но како тема се наметнува и обемниот материјал кој се учи во основните училишта кој е стандарден со години наназад.

Сите ние сме поминале низ лавиринтите на науката и од секоја поединечно сме добиле барем основно знаење, впрочем затоа и се вика основно училиште, каде ги градиме темелите на нашите основни познавања за светот, природата, општеството и останатите природни науки. За разлика од основното, при упис во средно училиште, ученикот делумно се насочува кон учењето кон кое тежнее и има аспирации за негово продлабочување.

Материјалот е тој којшто е и во него се вметнати токму основните, главните поими, дефиниции и објаснувања кои на секој млад човек му се потребни за да изгради едно знаење наречено општа култура. Ако некој смета дека градивото е обемно, тоа секако е родителот, бидејќи тој треба да одвои време како на своето дете би му помогнало при учење и испрашување. Тоа не е оптеретување на детското мозоче, напротив, тоа е полнење со корисни информации кои ќе го оплеменат како индивидуа и ќе му помогнат подетално да го осознае светот околу него.

Можеби и се сеќавате на видеата кои одамна го преплавија интернетот. Стануваше збор за млади луѓе, за жал и постари, од други држави, кои не знаеја основни работи, како на пример кои континенти постојат, за држави или главни градови да не правиме муабет, годишни времиња и останати навидум банални работи кои го градат нашето основно познавање, знаење и интелект.

Затоа пред друг пат да посакате да се намали материјалот кој вашето дете го изучува, размислете дали би сакале вашето дете да нема основни општи познавања или би му посакале да го осознае светот низ убавините на историјата, биологијата, географијата, хемијата, физиката, математиката, убавините на спортот и музиката и останатите предмети кои ќе го преокупираат во училишните денови. Има време и за книга, но има време и за игра. Никој поради книгата не останал неистрчан или ненаигран. Дозволете им на книгите да даваат знање, а по пат и вие обновете го сопственото со нив.

Имајте убав и пријатен ден.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0