11 октомври 2024
Деца и РодителиПоследно

Нов тренд меѓу младите – идеална шанса за ОН-ЛАЈН БИЗНИС

Домашната изолација сеуште трае и секој од нас бара начин како да го помине времето колку толку квалитетно и исполнето. Сите сме сведоци дека голем дел од работата се сели на интернет, и луѓето, особено младите, голем дел од своето време поминуваат пред своите компјутери, таблети и мобилни телефони.

Сега е вистинскиот момент доколку имате некоја дарба, желба или страст за јавен настап кој никогаш не ви бил овозможен, да го споделите со светот.

Доколку имате идеја за емисија, од било каков карактер, или едноставно камерата ве сака и сметате дека сте идниот македонски шоумен/ка, тогаш дајте да ве видиме. Сите сме дома и бараме забава, смеа, едукација, зборови на позитива како и вкусни рецепти пред се. Луѓето се желни за свежа крв, нови ликови, лица кои носат заносна енергија која ќе се шири безгранично низ етерот. Можеби тоа сте токму вие …

dejdinakvadrat's profile picture

Примерот го земаме од две млади девојки, на Инстаграм познати како dejdinakvadrat, кои вечерва од 20 до 21 часот имаа во живо своја „радио емисија“ која беше посветена на песните на Тоше Проески. Се пееше, пишуваше, едноставно се живееше со песните на нашиот омилен лик – Тоше. Двете сестри се нови во ова, но никогаш не се знае од една обична игра на интернет до каде може да стигнат. Можеби некоја од нив ќе се пронајде во оваа област и ќе се реши својата иднина да ја насочи во тој правец. Од друга страна добрите вести на интернет се шират со енормна брзина, така да ништо чудно доколку некоја од нив има дарба да биде следната македонска ѕвезда, да биде откриена од некоја телевизија, радио, емисија или лик кој ги бара следните таленти кои ќе блеснат во македонскиот етер.

 

Инстаграм е доста популарен и можете од таму да почнете, но истото може да го направите и на останатите социјални мрежи. Изборот е ваш.

Што би можеле да понудите?

Разговорна емисија – темата е по ваш избор, љубов, пријателство, спорт, музика, било која идеја која ќе ви падне на памет може да биде тема на разговор. На вас останува да одделите барем еден саат од денот за да се спремите за емисијата со материјали или интересни цитати кои подоцна ќе ги споделите и ќе го исполните времето на вашите слушатели/ гледачи;

Емисија за готвење – доколку сте „магионичар“ во кујната, следниот Џејми Оливер или Марта Стјуарт, тогаш зошто тоа да не го споделите со јавноста и преку ноќ да направите кариера од вашата „тајна“ дарба во која се насладуваат само вашите најблиски;

Хумористична емисија – шеги еден тон, хумор и сатира која е ваша или прочитана од некаде или едноставно вицеви на кои не можете да им оддолеете кои се секогаш добредојдени. Во овие „темни“ времиња, секој ќе сака да слушне добра шега која ќе го насмее и ќе му ги разведри мислите и срцето;

Музичка емисија – ако имате глас како ангел, или знаете да свирите на некој инструмент, тогаш ова е вистинскиот момент да го истакнете својот талент. Не знаете каде може да ве однесе патот понатаму..

Мотивациона емисија – Колку семинари и обуки ви се нудат во текот на годината, а вие самите можете да одржите неброени мотивациони говори и да распалите низ вашите слушатели, со што ќе ги испратите инспирирани, мотивирани и спремни за работа и остварување на своите соништа? Дајте да ве чуеме …

Едукативна емисија – Ако сте народски кажано „дечар“ и знаете како да го задржите вниманието на најмалите, тогаш родителите ќе ви бидат и повеќе од благодарни. Смислете некоја игра, читајте басни и приказни, запејте некоја песничка и не заборавајте да бидете свои и уникатни, а децата тоа ќе го препознаат и ќе ве наградат со гледаност. Добриот збор, особено меѓу родителите, брзо се шири. Додека да трепнете ќе имате илјадници посетители, потоа можеби и спонзори … само ако верувате во себе.

Верска емисија – Вистинските верници кои во моментов се спречени да отидат во најблискиот храм каде се молат на Бог за здравје, за себе и најблиските, и те како ќе бидат среќни кога ќе чујат дека божјиот збор може да го слушнат токму тука на интернет. Секој си има своја публика нели …

Знам дека имате уште мал милион идеи во себе кои чекаат момент да пламнат од вас, чекајќи го вистинскиот час или правото време, но верувајте дека ТОКМУ СЕГА кога народот е заклучен дома и бара занимација за свој вкус е ВИСТИНСКИОТ МОМЕНТ! Искористете ја оваа животна шанса и дозволете да бидете откриени од светот. Луѓето сакаат уникати, пријатен и нов глас кој ќе го заголицка нивното уво со што ќе посакаат повторно да го чујат, талент кој лежи скриен во некоја фиока и го бара својот момент на успех.

Дајте свежина во етерот. Дајте уникатност. Дајте да ве чуеме и видиме. ВИЕ СТЕ НА ПОТЕГ!

Искрено ваша, Бисера

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0