ВЛАСТ во замена за ЧИСТ ВОЗДУХ!

На отровниот воздух му нема крај! Кај сме сите затворени дома, преплашени од вирусот кој не демне, се јавија повторно главните загадувачи и ги пуштија печките на најјако. Нека гори, нека смрди, нека пече на очи. Нема ни И од инспектори, ниту Д од држава! Оставени сами на себе да си дишеме токсичен воздух и полека но сигурно да ги труеме своите организми кои до кога ќе издржат ни сами не знаеме.

Загадувачите ги знаеме, тие се, истите. Истата приказна се врти во круг. Ќе подзапрат малку кога народот ќе се дигне, па после пак иста песна. И така до недоглед. Што да се превземе, што да се направи? Иако велат дека моќта е во народот, јас тоа не го гледам тука, бидејќи и после секој обид за негово спречување, никакви мерки не се превземени од страна на државата, и се некако работата се заташкува.

Изборите се одложени, но тие кога тогаш ќе се одржат.

Прашањето е: Дали некоја од „големите“ партии – коалиции спомна дека ќе го сопре свесното и отворено труење на сопствениот народ? НЕ! Дали некој кажа дека ќе застане на наша страна и по секоја цена ќе се избори за затварање на индустриите кои горат токсичен отпад? НЕ! Па зошто „драги“ наши политичари би гласале за вас, кога не сте способни да ни го овозможите барем она основното кое како луѓе нам ни припаѓа – ЧИСТ ВОЗДУХ?

Се додека некоја партија не даде јасен и недвосмислен предлог со листа на конкретни мерки кои ќе бидат остварени доколку дојдат на власт, тогаш НЕМА да гласаме за вас! Сакаме јасна стратегија, не само издвоени парични средства кои ќе завршат во нечии џебови за туѓи цели и лични интереси!

Загадувањето е чиста политика, бидејќи да не им беше политички дадено зелено светло на загадувачите, тие секако немаше вака бескрупулозно да не трујат. Тогаш дајте да ја блокираме политиката. Друго чаре веќе не гледам! Ќе ви дадеме ВЛАСТ ако за возврат ни дадете ЧИСТ ВОЗДУХ! Мене ми изгледа како добра зделка. Од некаде мора да се почне така. Останува да видиме што ќе предложат за понатаму каде би се движеле работите.

Политичари, на вас е редот. Тоа ви е добитен тикет за влез во парламентот! Искористете го паметно!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0