НЀ го сфаќајте животот премногу сериозно

Ах живот. Времето лета, а богами и ние со него. Додека да се свртиш дошло лето, а кај и да е и Нова година пак ќе славиме … Секој во свој филм, секој со своите години. 

Нешто што не смееме да си дозволиме е да го сфатиме животот премногу сериозно. Тој е толку краток и толку може да биде сладок или пак горчлив зависно од тоа со какви мирудии (читај моменти) го опсипуваме. Затоа живеј денес и живеј го својот живот, не тој туѓиот. Наместо да се опседнуваш со туѓи муабети и празни трачеви, пишувај ја својата приказна. Користи свој јазик, пишувај во свој сленг. Биди свој. Биди некој.

Имаш соништа а некако како да си заглавен во ова постојано сивило од живот? Кој те држи во окови? Ако имаш слободни раце, тогаш кој може да ги зароби твоите мисли, твоите идеали, твоите соништа и мечти? Само ти и никој друг!

Ослободи го срцето, ослободи ја душата. На тој начин ќе го ослободиш и својот живот. Не дозволувај кога ќе остариш да ти остане само приказната дека толку многу си можел и толку одлични идеи си имал, но штета што не си ги остварил. Поради храброст, поради финансии, поради страв од неуспех … Ако не пробаш никогаш нема да знаеш дали би успеал во тоа!

Едно знај дека сигурно нема да успееш ако не пробаш!

Смеј се повеќе, смеј се секој ден, затоа што секој ден поминат без насмевка е залудно поминат ден. Насмеј се на сонцето и силно прегрни ги неговите зраци. Дозволи да ти го стоплат срцето а тоа ќе се погрижи да ти ја згрее душата.

Сѐ поминува, сѐ се менува. И да си во некоја лоша ситуација, не се загрижувај премногу. Што и да е ќе помине. Само нервозите и грижите кои ти ја јадат душата и ти ја одземаат радоста ќе останат како белег на едно неубаво време. Чувај го само здравјето а се друго ќе си дојде. Живеј денес, живеј сега.

Еден живот, милион патешествија. Пишувај, создавај, живеј!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0