15 октомври 2024
ПоследноУтринско разведрување

Жени, знајте ја својата големина – Среќен 8ми Март!

Меѓународниот ден на жената е глобален ден во кој се слават социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените. Денот исто така означува и повик за акција за забрзување на родовата еднаквост.

Осми март за Меѓународен ден на жената е прогласен од страна на Обединетите нации со цел да се одбележи улогата на жената во историјата, како и нејзината борба за еднаквост, правда, мир и развој.

Жената е столб на едно општество, една држава, едно семејство. Таа е една опасна машинерија која ниту еден маж не може да ја замени, а не пак да ја надмине во се она што таа го работи и постигнува со тие две раце кои не знаат за умор.

Прашањето што се поставува е:

Колку ли мажот се чувствувал загрозен во сопствената „моќ“, што морал на овој начин да ја потчинува, гази и поставува на ниво под себе својата жена, мајка, сестра, ќерка?

Жената морала да се бори за сопствените права за да може да биде тоа што е денес – почитуван и рамноправен дел од една економија, компанија, држава, фамилија!

Тоа го наметнуваат само оние кои ја сметаат доведена во опасност својата позиција, ако знаат дека има некој кој со својот интелект, креативност, досетливост и напорна работа може да го завземе нивното место, и тоа не само да ги симне од тронот туку и да го надгради целото „кралство“ за да работи подобро, поефикасно, поквалитетно во секоја смисла на зборот.

За жал се што е вештачки створено не може вечно да трае! „Послабиот пол“ е една од тие вештачки создадени кратенки која има тенденција да створи илузија во светот за пониското место на жената во однос на мажот.

Секој ќе го истурка својот пат, ќе го освои местото кое му припаѓа, на полесниот или потешкиот начин.

Затоа жени знајте ја својата големина. Верувајте во својата моќ. Ние можеби сме „понежниот“ пол, но само кога избираме да тоа бидеме. Ние сме ПОСИЛНИОТ ПОЛ во секоја смисла на зборот! Тоа одамна испливало на површината и сега нема кој да не сопре. Одиме и газиме напред со неверојатна брзина. Без сопирачки, без пречки, без сомнеж.

И ако сакате на овој ден да си направите фризура, нокти, да си купите цвеќе или да се почастите нешто за своја душа, направете го тоа! Правете го тоа што ве прави среќни, што ви дава мир и добро расположение многу почесто освен само на овој ден, затоа што вие ја заслужувате целата среќа на светот, за вашата работа, пожртвуваност, храброст, доблест и моќ која ја носите во целото свое битие!

Примете ја честитката за овој празник, насмејте се на цвеќето кое ви го поклонуваат најблиските, заблагодарете се за секој убав збор и прегратка на овој убав ден. Но не заборавајте, дека почитта, љубовта, и вниманието треба да се присутни не само денес, туку секој ден во годината.

Среќен 8ми Март

Валерија

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0