Животот наречен БУБАЊ

Кој го осмисил овој начин на живот, оваа формула која сите не има сместено во еден ред на функционирање, од која нема мрдање ниту лево, ниту десно?

Прва фаза: Додека сме деца и растеме безгрижно низ игра и песна, тоа е всушност првиот дел на “бубањот“ (извинете на србизмот, ама верувам дека знаете за кој дел од машината за перење станува збор), кога се става прашок, машината се полни со вода, полека почнува да врти и да пере. Ама и тогаш се е програмирано, децата одат во градинка или во училиште, исто како да се на своите работни места, од 7 до 17 часот, како војници. Нема сака, нејќе, знае дека мора, дека родителите мора да одат на работа, да заработат, дека фрижидерот нема сам да се наполни.

Втора фаза: Фамилија, деца, работа, турбо! Е тогаш сме веќе на центрифуга ставени. Машината врти на најјако, врти, пушта вода, врти, пушта вода. Имаш чувство дека секој момент бубањот ќе ја напушти машината и ќе излета од неа. Тогаш родителот е во постојано брзање. Станување наутро, будење деца, облекување, спремање, викање, ајде побрзо доцниме, излегување. На работа притисок, рокови, цели, трчање, кариера, смеа, солзи, заглавување, нервози, напредување. Завршува работно време, трчај назад по децата, земај од школи, градинки, трчај дома, спреми ручек, постави, време за јадење, расчисти, измиј садови, расчисти по дома, домашни работи, спремање за утрешниот ден, дошло време за спиење. Утре пак иста песна. На рипит сме. Викенд се одмара или се прави генералка по дома. Прошетка до најблискиот парк, дома.

 

Трета фаза: Децата пораснати. Вие сеуште работите или сте веќе во пензија. На „стари“ години се одмара. Станување подоцна, па лесен доручек, мнозинството имаат рака апчиња како десерт, може некоја прошетка ако дозволуваат надворешните услови, и после денот секој на свој начин го исполнува. Тогаш веќе машината завршува, водата полека се празни и се чека копчето да светне црвено. Долго очекуваните пензиски денови не се тоа што сме очекувале. Каде се бескрајните патувања, прошетки низ светот кога конечно целото време на светот е во вашите раце? Сега кога имате скоро 70 години ќе се качите во кола и ќе го патувате светот? Па сега ви е мака, се чувствувате дека не сте веќе за тоа бидејќи сакате одмор, комоција во вашиот дом, телевизија и мир. А најчесто и пензијата не стига, па седењето дома и не звучи така лошо.

Е тоа е драги мои животот наречен бубањ.

Кога го прифативме ова темпо? Каде исчезнаа нашите соништа, нашите желби и животни мечти? Што треба да промениме да не бидеме дел од ова тркало кое непрестано врти и на крај сите не носи на исто место.

Размислете. Променете нешто во своите навики. Додајте бои во вашето секојдневие. Направете го животот поинтересен, покреативен, позабавен. Не оставајте за утре, дека животот е денес.

Создадете ваши правила. Вие ја играте играта. Вие сте и кадија и судија. Вие сте главниот играч во играта наречена живот.

Играта е таа, вие едноставно треба да ја подобрите, да ја надградите, да ја направите во ваш стил и по ваш терк. Да сакате да ја играте и да победувате во неа. Да уживате во секој момент играјќи ја и да и се радувате со секој нареден ден.

Да бидеме љубов и да шириме среќа. Да го градиме нашето здравје и да живееме исполнет живот. Да бидеме тоа што сакаме да бидеме и да ги црпиме и воедно постојано надградуваме сите ресурси од нашите мисли, нашите емоции, нашата енергија.

Да зрачиме сѐ посилно. Да се смееме сѐ почесто. Да живееме сѐ поживо.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0