Зошто да кажете НЀ на купечките теглички ХРАНА ЗА БЕБЕ!
Иако живееме во едно брзо динамично време, каде покрај работата и семејството едвај наоѓаме време за себеси, сепак новата технологија ни носи и повеќе предности кои и те како ни даваат повеќе време за посветување на важните работи околу нас. Сепак за едно нешто не смееме да направиме исклучок иако истото ни претставува секојдневен предизвик а тоа е да го избереме „полесниот“ пат, односно наместо да готвиме за нашето бебе, да даваме купечка бебешка храна, каде работата е само отвори, најади, фрли. Нема пазарање, нема готвење, нема миење садови.
Дали е тоа вистинскиот ЗДРАВ избор за нашето дете или тоа е едноставно ПОЛЕСНИОТ избор за НАС како родители?
За некои работи НЕМА отстапки. Здравјето на детето е ПРЕД СЕ! Само и само во крајни случаи, доколку патувате или немате струја да го подготвите јадењето, тогаш би дале купечка тегличка храна. Зошто? Затоа што ТОЧНО знаете што му давате на вашето дете! Не ни размислувате за скриени адитиви, шеќери, сирупи кои го заблажуваат јадењето, згуснувачи, сол и така натаму останати прикриени додатоци.
Да тргнеме од основното. Вашето бебе пробува морков за прв пат. Тоа значи морков сварен во вода и НИШТО повеќе! Некоја мајка ќе рече дека нема вкус, но за бебето тоа е супер ново вкусување кое сеуште не знае што се тоа благи и солени работи. Прочитајте убаво што вели тегличката: Гликозен сируп, нишесте, антиоксидант L-аскорбинска киселина. Зошто кога може да биде само зеленчук и вода!
Да речеме правите тиква, која токму овој период ја има во изобилие. Зошто би купувале тегличка храна од тиква, кога можете да приготвите една за целото семејство и секако да одвоите за вашето најмало. Вака и вие се храните здраво а и вашето бебе покрај вас.
Најдете време за вашето дете, а тоа ќе ви биде благодарно понатаму. Трудот кој го вложувате верувајте дека ќе се исплати, бидејќи тој ќе се покаже преку насмевката, здравото меше, имунитетот кој напорно но упорно го градите, како и здравите навики кои уште од најмала возраст ги вградувате кај вашето најмило. Затоа дајте се од себе, бидејќи знаете дека можете.
За здравјето се работи.
Бисера