11 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

Дали се согласувате со тоа дека Македонија е најнесреќна земја на светот?

Некој направил истражување и дошол до заклучок дека Македонија е најнесреќна земја на светот! Дали се сложувате со тоа и дали сметате дека анкетата е наменски и со умисла напишано, како би се разбудиле некои ниски страсти, би се поттикнале депресивни мисли кај народот и би биле тригер плус за помасовно иселување од родната земја, со надеж за подобро утре некаде низ светот?

Ова го прашувам, затоа што оној кој го заклучил тоа, врска нема од Македонија! Напротив, секој што дошол и ја посетил нашата земја, знае и осетил нешто што можеби никогаш нема да го осети во сопствената земја.

Да започнеме од тоа дека во Македонија има околу 280 сончеви денови годишно. Знаете ли што значи сонцето за човечкиот оргазнизам, за неговото здравје, особено за неговата ментална благосостојба? Сонцето значи радост за срцето и душата на човекот, колку ова и поетски да звучи, тоа е чиста вистина. Колкумина од вас би можеле да живеат поголемиот дел од годината, ако не и целиот, во студ, во магла, со дождливи и сиви денови секој ден? Јас сигурно не!

Македонија и Македонецот се синоним за дружба, за веселба, за собиранки, за пријателства, за гезмиња и незаборавни моменти поминати со најблиските во пријатна атмосфера. Знаете ли каде на друго место го има тоа? Никаде! Ние едноставно сме топол народ, кој сака времето да го помине со најблиските на убава богата софра, почнувајќи со богата салата и домашна ракија, вкусно јадење со добро вино, и сето тоа зачинето со изворна музика и песна која ечи од сите грла кои се на астал.

Ние знаеме а и сите што ја посетиле нашата земја знаат дека Македонија е гурманска земја. Вкусни домашно сукани пити, ајвар, макало и пинџур, јадења приготвени под вршник, риба, месо, пастрмајлија, бурек, гравче, сарма и што уште не, спремено со многу љубов.

И за крај, Македонија значи природа. Заносни пространства со погледи кои го одземаат здивот, прекрасни шуми, високи планини, реки, езера и водопади, место каде човекот и природата се едно.

Уште многу може да се набројува за нашата татковина, но ќе оставиме списокот да го надополните вие. Затоа, за тој што кажал дека Македонија е најнесреќна земја, нека дојде и самиот нека ја процени вистината на тоа тврдење.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0