Дали СЕКОГАШ треба да сме ИСКРЕНИ со нашите пријатели?

Семејството ни е доделено уште од почетокот на нашиот живот, но пријателите ги бираме самите ние. Со нив доживуваме безброј луди и незаборавни моменти, создаваме сеќавања кои ќе се прераскажуваат и ќе измамуваат благи насмевки и солзи радосници кога и да се споменат, но со нив ја делиме и тагата која е дел од нашиот живот и наоѓаме заедничко разбирање и рамо за плачење кога тоа ни е потребно. Тие се тука за нас, и ние за нив, во добро и во лошо, сега и засекогаш.

Како што минува времето така ние созреваме и некои од пријателите заминуваат, нови доаѓаат, а неколкумина остануваат пријатели за цел живот. Сите се важни и допринесуваат за креирање на животните моменти, но најважни се оние кои се за цел живот, оние кои ќе останат покрај нас до крај. Тие се нашето најголемо богатство кое треба да го чуваме и постојано да го негуваме како нежен цвет кој бара внимание и вода, на кое вие сте сонцето кое му дава енергија и топлина.

Отвореноста, искреноста и долгите разговори се нераскинлив дел од овие пријателства. Покрај нив сме вистинските ние, без маски, без скриени мотиви и лажни чувства, секогаш искажувајќи го својот став и мислење кој е основа за едно искрено долговечно пријателство.

Но, дали секогаш и во секој момент треба да сме брутално искрени со нив, иако знаеме дека тоа на некој начин ќе ги повреди, навреди, и ќе остави трајна лузна на нивната душа за која ќе бидеме ние виновни?

Дали постои ПРАГ НА ИСКРЕНОСТ кој не смееме да го поминеме дури и со најблиските пријатели?

Колку и да сме искрени „до коска“ со нашите пријатели, мора да признаеме дека некои работи некогаш и треба да се премолчат, токму за да ги заштитиме оние кои најмногу ги сакаме. Во поголем број случаи, љубовта е причина за несогласување и премолчување, односно изборот на „несодветен“ партнер, кој може до тој степен да го обземе срцето на вашиот најдобар пријател, да вашите зборови, иако се од срце искрено кажани, да бидат погубни за вашето пријателство. Тоа не значи да го криете вашето мислење, напротив секако дека треба да го кажете, но доколку секој пат наидувате на отпор од другата страна, тогаш е време да оставите тие да се изборат и самите да се пронајдат во вистинската слика, иако тоа можеби би значело солзи и тага во иднина.

Тука може да се вброи и начинот на кој тие ги растат, воспитуваат и учат своите деца. Дали сте конзервативни или модерни во воспитувањето, дали сакате брза храна или здрава исхрана, дали сте секој ден во теретана или во кафана, тоа е сепак избор и начин на живот кој сами го одредуваме. Не заборавајте дека вие сте го засакале пријателот искрено и длабоко од срце поради карактерот, срцето и душата кој го одредува, а за сето останато тие одлучуваат самите. Дајте совет, не стојте на страна, но дозволете конечната одлука да биде само нивна. На крајот на краиштата, тие одлучуваат и ги креираат своите семејни вредности, исто како и вие вашите.

Бидете искрени, прифатете ја различноста во етапите на вашето меѓусебно созревање. Знајте дека колку сте исти, толку сте и различни. Токму тие различности ве споиле и ќе ве држат заедно засекогаш.

Негувајте го вашето пријателство и тоа ќе трае вечно.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0