До сите самохрани МАЈКИ – па имате ли вие душа???

Овој текст се однесува до сите самохрани мајки, мајки кои сами ги подигаат, чуваат и воспитуваат своите деца, мајки чиишто сопрузи работат во странство или се почесто отсутни од дома поради службени патувања итн …

Добро дали вие знаете колкав товар носите на вашите плеќи, сами? Знаете ли колкава одговорност и посветеност вложувате во сите работи за вашите деца, како се би било „нормално“, тековно, убаво и покрај тоа да не ги изгубите вашите живци, нерви, здрава свест и повторно да изгледате како една достоинствена, средена жена? Па вие не сте само мајки, вие сте КРАЛИЦИ на сите животни кралства! И ако некој ви каже поинаку, тој/таа НЕ ЗНАЕ како е да се оди во вашите чевли! Само вие знаете како ви е, и како се сносувате со сите предизвици во животот.

ГОЛЕМ НАКЛОН ЗА СИТЕ ВАС! 

Од каде произлезе мотивот за овој текст? Прво, во Скопје владее еден ОПАСЕН ВИРУС, дали станува збор за грип или за бактерија воопшто не е важно, кој ги коси нашите деца. Температури до и над 40 степени, кои се симнуваат до 39 и пак се качуваат нагоре на секои 4 саата. Непроспиени ноќи и грижа свртена само кон детето за негово побрзо оздравување и кревање на нозе. Сопругот на пат, јас сама со моето исцрпено, избоцкано, со антибиотици накљукано мало дете. Ќе кажете вирус е, така растат деца, се поминува, само со лесно нека е. Да, така е но без никаква помош од страна тоа малку потешко оди!

Недела дена немаме пазарено бидејќи нема дете со 40 температура да влечкам по супермаркети за да се набави барем најосновното. Не. На пат кон боцкање или преглед идеме до најблиската продавница да го купиме барем најбитното нешто за дома. Толку! А да, аптека, а лекови кој ќе купи? И тоа некако по пат да се набави. Гоооолема, огромна среќа е доколку имате родители кои се тука за да ви помогнат, па за било што да ви се најдат, дури и за навидум „банални“ работи, како што се итен сируп од аптека, некој портокал, свежо овошје или чај за да помине ова лудило. Добро, а вие што сте во странство како се справувате со овие ситуации? Кој ви помага, кој ви се наоѓа во добро и во зло кога сте илјадници километри од вашите најблиски, од родителите, од пријателите со кои цел живот сте израснале?

Најтешката, најобемната, највозвишената работа во животот е да се биде МАЈКА!

Бидете живи и здрави, и Бог нека ви даде здравје на вас и на вашите најмили и најмали. Во секој тежок момент не заборавајте да ја кренете главата горе и гордо да ги преминете сите проблеми и предизвици кои животот ви ги нафрла. Не заборавајте, тоа мало до вас е најголемата и најсјајната ѕвезда која животот ви ја подарил и за која вреди секоја жртва која ќе ја принесете, а на крај насмевката, прегратката, бакнежот ќе биде вашата најголема и највредна награда подарена искрено и од срце.

ВИ СЕ ПОКЛОНУВАМ ДО ЗЕМЈА! 

Од една мајка

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0