Каков ЦРН карантин кога цел град РАБОТИ???

Остани со позитивни мисли. Се ова е само период кој ќе помине. Трудна сум во осмиот месец и денес само поради рутинска здравствена контрола го напуштив својот дом после отприлика 3 недели комплетна домашна самоизолација. Иако гледам и слушам што се случува со вирусот околу нас, гледам да останам при здрав разум и секогаш да се насмеам на наредниот ден кој доаѓа и најубавото нешто кое уште малце ќе дојде на овој свет. Но после тоа што го видов денес, јас сум во комплетен шок!

Очекував полупразни улици, коли сведени на минимум, затворени продавници … очекував затворен град. Но градот беше далеку од тоа. Истите гужви како и секој „нормален“ ден во главниот ни град, ако не и повеќе. Луѓе си работат, шетаат, автобусите се полни, се си функционира, барем поголемиот дел, како и порано што сме функционирале. Улиците преполни со коли, гужви и колони до немај каде. Стандард ситуација. Да биде уште поголема гужвата, во пикот на денот (ако воопшто во Скопје има пик, затоа што цел работен ден е всушност пик) ѓубреџиските камиони застанале на сред пат и собираат ѓубре од контејнерите, а позади нив се направила километарска колона. Тотално безредие! 

Кои се тие мерки за коишто читаме и слушаме? Тоа е обична фарса и измислица. Цел град до 16 часот функционира и работи! Каков празен град, какви празни улици. Тоа е чиста измислица. Згора на тоа многу поголеми се гужвите и редиците во супермаркетите и банките поради тоа што работат со скратено работно време.

Што се добива со воведените „порестриктивни“ мерки? Се скратува движењето на народот во неговото слободно време! Единствената разлика е што сега после работа немате каде да отидете на кафе, пијачка или на ручек, бидејќи кафичите, кафаните и рестораните се затворени. Ова секако важи за оние кои уште имаат работа, за разлика од илјадниците отпуштени кои едвај гледаат да скрпат крај со крај периодов, а некои дури и се враќаат дома кај своите родители бидејќи комплетно останале без приходи.

Овој карантин е создаден да ни го одземе слободното време за шетање и дружба и да го осиромаши или комплетно згасне приватниот сектор! После работа затворени дома од сите страни сте бомбардирани со тоа колку има умрени, заразени и колку е лошо секаде во светот! Кај ви ја земаат слободата, уште и ви влеваат страв и паника во коските!

Ама не се грижете, мора да има карантин и полициски час, па не за џабе се земаат огромни позајмици, милионски кредити и земјата се задолжува на големо! Мора тие „неопходни“ мерки да се покритие на нешто.

А која е поентата со собирањето на ѓубрето во сред бел ден уште не ми е јасно! Тоа треба да се собира вон регуларното работно време, односно или рано наутро пред сите да тргнат на работа, или попладне кога сите се вратени дома и нема да бидат пречка во сообраќајот кој секако ќе биде порастеретен. Мислам чиста логика нели. И секако да се собира почесто во текот на неделата, бидејќи буквално пливаме во ѓубре.

Но да се вратиме на темата … Кој кого лаже тука со некаков си карантин? Не ја гледаме поголемата слика затоа што сме затрупани со корона информации на секој половина час. Ни ги перат мозоците ама онака стручно, постепено, со умисла и добра стратегија. До кога, останува да видиме …

Но ајде да размислуваме позитивно … само тоа ни преостанува и секако да се надеваме дека ова со умисла предизвикано лудило, со скриена милионска кражба на грб на осиромашување на народот ќе има некоја не толку лоша разрешница.

Чувајте се луѓе.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0