Митови за жена „НЕ-МАЈКА“
Само жена може да нарече друга жена „НЕ-МАЈКА“, бидејќи тие се тие кои поминуваат директно низ сите фази на бременоста, тие се оние кои дојат и го растат детето, и сметаат дека тие најдобро знаат како е да се помине низ различните фази на мајчинството.
Но не сите жени се исти и не сите ги разбираат и гледаат работите како останатите. Причини за тоа може да е секако неукост односно незнаење, неразбирање или останати лични проблеми низ кои жената минува во тој момент. Ова се само неколку митови кои една жена може да ги каже на друга жена-мајка, свесно или несвесно, сакајќи или несакајќи:
1. Само тие што родиле природно се мајки, оние другите со царски рез се НЕ-МАЈКИ!
Не ретки се коментарите од типот: „А тебе те сецнале само … Ти ништо не си осетила … Ти незнаеш што е болка при раѓање на дете … Ти само си легнала и ти го извадиле детето додека си била под анестезија … “. Која мајка го кажува ова на друга мајка? Која жена се дрзнува да навреди и повреди друга жена на ваков начин?
Таа жена не знае низ што минува мајката која ја породиле со царски рез. Со колку само болки, ужасни постоперативни болки се соочува оваа жена, која неколку дена не може од кревет да стане, не може да одржи лична хигиена бидејќи е на 300 лекови и инекции поради операцијата која е извршена на неа. Таа не знае дека со денови може беспомошно да лежи во кревет мачејќи се да се сврти од една на друга страна во креветот поради болки. Таа не знае дека за оваа рана треба долго време да зарасне а може и секогаш да остави последици кои ќе се јавуваат во вид на болки при обична промена на времето.
Затоа немојте да судите за останатите ако не знаете низ што тие поминале. И едното и другото се тешки процеси низ кои минува мајката, за на крај да бидат благословени со чедо покрај себе. Покажете емпатија спрема другиот покрај вас, бидејќи и таа е жена и мајка ама буквално исто како и вие.
2. Тие што ги хранат своите бебиња со вештачко млеко се НЕ-МАЈКИ!
Нема поголем благослов од тоа да бидеш во можност да го раниш своето чедо со мајчино млеко. Сите потребни материи, основна заштита која му се дава на новороденчето доаѓа преку млекото од мајката. Зарем некоја мајка би го одрекла своето дете од оваа природна „инфузија“ во замена за вештачко, лабараториско млеко во прав, купено во аптека и секако скапо платено? Сепак постојат коментари од типот: „Лесно ти е тебе, пикни само шишето и завршена работа … ти не знаеш што е да го доиш 100 саати на ден … “!
Па дали знаете вие што значи за една мајка да не биде во можност да го дои своето дете поради недостаток на млеко во градите и каква болка претставува тоа за неа? Уште и наместо поддршка таа да наидува на осуда од останатите? Дали знаете што значи бебето да се буди гладно во текот на ноќта, а вие наместо да му дадете града, во истиот момент да треба да станете и да направите тазе вештачко млеко за кое секако треба време а бебето се витка од плачење во тој момент затоа што не добива одма тоа што го бара? Ако не знаете, тогаш не ни осудувајте.
3. Штом детето не ти јаде здрава готвена храна ти си автоматски НЕ-МАЈКА
Здравата храна, домашно зготвениот оброк, чорбите, супите, овошјето и зеленчукот се предуслов за добар и здрав развој на секое дете, како и на секој човек и индивидуа. Нема мајка која не би сакала нејзиното чедо да ги конзумира секојдневно овие намирници, но сепак не секое дете ги сака истите. Мајката е таа која ќе направи една комбинација, друга боја, трети состојки само детето да проба, да вкуси, да изеде што повеќе од зготвеното, но факт кој треба да го прифатиме е дека не сите деца се „јадачи“. Постојат и деца кои пребираат, кои не сакаат, плукаат, повраќаат, па што и да им е понудено во тој момент. Тоа не ги прави овие жени немајки, напротив, тие се соочуваат со огромен предизвик пред себе, да бидат истрајни, да бидат упорни и да не се откажат во ниту еден момент од понуда на здрав оброк на своето дете. Можеби е фаза, можеби растат заби, можеби подоцна ќе прифати некои од тие јадења, но секако мајката е таа која и покрај огромниот труд кој го вложува за сето тоа биде спремно а потоа може и одбиено, гледа да не ги изгуби живците, да остане разумна и присебна и истото да го проба и наредниот ден, и наредниот, и така натака.
Затоа жени, имајте разбирање спрема припадничките од вашиот пол. Верувајте дека сите ние заедно минуваме низ ако не истите, тогаш сигурно сличните предизвици секојдневно. Секоја од нас се соочува со нешто пред себе за која само таа си знае. Жената единствено бара прифаќање и неосудување од страна, бидејќи секоја мајка го сака најдоброто како за себе така и за своето најмило.
Додека не пробаш да одиш во туѓите чевли, тогаш ти не знаеш низ каков пат тие минуваат, низ какви трнливи брда и планини се искачуваат. Затоа биди над тоа, биди жена и секако биди поддршка за другите жени.