КАРАНТИНОТ не учи ЖИВОТНИ ЛЕКЦИИ

Полека но сигурно му се гледа крајот на ова корона лудило. Што, како и зошто не прашувајте, бидејќи никој нема да знае да ви каже со сигурност. Мерките ќе попуштаат, маските ќе останат. Ни преостанува уште мајскиот карантин да го преживееме и се враќаме во нормала, ако веќе знаеме што е тоа нормално.

Видовме и заклучивме многу работи од овој карантин. Ако сега не си ја научиме лекцијата, нема кога. Ова се само дел од работите кои треба да ги запомниме штом се ова ќе помине:

     1. Да не дозволиме кога ќе остариме да чекаме на ред во аптека, туку во туристичка агенција

Наместо да се троши пензијата на лекови, дајте да се троши на прошетки низ светот. Тоа значи само едно, односно треба да водиме ПОЗДРАВ ЖИВОТ. Сигурно не сакате да бидете како моменталните пензионери (со должна почит кон сите, но да си признаеме дека тоа е вистината, барем за поголемиот дел) кои чекаат редици пред банките за да ја подигнат пензијата, за после да чекаат редици пред аптеките за истата да ја потрошат на лекарства. Повеќе здрава храна, повеќе физичка активност, за ваше добро и за доброто на вашата фамилија. Доволно е еден член од семејството да тргне по тој пат, а на останатите ќе им преостане да го следат.

        2. Да поминуваме повеќе време надвор во природа

Вака затворени дома увидовме колку е важна секојдневната прошетка во природа на воздух, наместо да бидеме затворени пред тв екраните и на своите мобилни телефони. После работа наместо да дигнеме нозе пред телевизор, дајте да го направиме тоа на некоја клупа во паркот. Прошетка, физичка активност, квалитетно време со фамилијата, бенефитите немаат крај. Дозволете тоа да ви прерасне во навика.

        3.  Да го цениме секој момент поминат со семејството, со најблиските, со пријателите

Семејството е најголемото богатство кое животот може да ни го пружи. Најблиските се оние кои најмногу од се треба да го добијат нашето внимание, љубов и пред се време. Има време и за кафана, и за дружба и за забава, но кафето кое ќе го испиете со вашиот партнер, мајка или татко, со убав муабет, никој не може да го замени. Сакајте ги и чувајте ги блиску до себе најблиските, бидејќи тие секогаш ќе бидат тука до вас и во лошо и во добро.

        4. Да ја чуваме природата и посовесно да се однесуваме спрема неа

Сите ние сме гости на оваа планета Земја и така треба и да се однесуваме спрема неа, со должна почит и внимание. Да не фрламе ѓубре насекаде, да пошумуваме наместо да сечеме, да отвараме паркови наместо згради и трговски комплекси, да се однесуваме добро ако сакаме со добро и да ни се врати.

        5. Да си ја чуваме државата бидејќи во неа треба да живеат и нашите идни поколенија

Политичарите и партиите се менуваат на избори. Ако не сме задоволни од сработеното тогаш ние сме тие кои треба да ги смениме од власт. Сведоци сме дека државата се презадолжува, приватниот сектор е ставен сам на себе да се снаоѓа како знае и умее, работници се отпуштаат, работничките права не се почитуваат и се прекршуваат, воздухот е загаден иако нема една единствена кола на улиците. Лаги, измами, политичко препукување и отворено незнаење. Молкот да престане. Дајте да си ја вратиме државата во свои раце. Ни едни, ни други, ниту трети, туку нови сили кои ќе бидат спремни за нови победи и кои ќе ја сакаат државата наместо својот џеб пред се!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0