Со ПАРИЧНИ КАЗНИ до уредна држава!

Ѓубре на сите страни. Сообраќајно лудило до бескрај. Пешачки премин како да не постои. Се вози, блиндира и свири како да се вози по автопат и се поминува на црвено светло без проблем. Секоја површина е место за паркинг. Ова се само мал дел од работите со кои секојдневно се соочуваме, а кои многу лесно можат да бидат средени, ако се уредно санкционирани!

Кој е лекот за ова лудо однесување? Само по џебот кога ќе се удри, народот ќе се освести и ќе почне разумно и свесно да се однесува!

Ем буџетот ќе се полни, ем народот ќе се свести!

Тоа се вика вин-вин ситуација. И народот сит, и овците на број. Секако ако нема помилување и опростување по роднинскo-пријателска-партиска врска! Плати си, па ако сакаш пак направи го истото.

Казна на лице место. Олеснителна околност може да биде тоа што би се платил пола износ доколку веднаш се исплати, додека во спротивно би се плаќал цел износ за стореното дело. Изборот е ваш.

Цел свет е уреден преку парични казни. Да те видам вози низ една Хрватска што е тука во соседството со брзина од 70 каде што е препишано да се вози 60, одма казна по пошта има да ти стигне. Па вози ти пак ако си толкав мангуп или мангупка. За се има решение, само ако се сака. Затоа што се ни е допуштено, затоа и вака се однесуваме. Мислите дека Македонците во Швајцарија вака возат и вака се однесуваат? Тоа само во родната си земја кога ќе се вратат го можат! Затоа што никој ништо не им прави! Едноставно им се може!

А што правиме со ѓубрето во кое државата свесно плива? Од хартивче, до цели камиони со отпад се расфрлаат насекаде. Ригорозно и строго треба да се постапува. Законот да важи за сите!

Мора од некаде да се тргне за да може некаде да се стигне. И најдолгиот пат започнува со првиот чекор. Чекор по чекор се додека не се донесеме на вистинскиот пат. Да тргнеме од себеси. Да создадеме убаво и пријатно место за живеење, а не натрупана депонија која од нервоза и бес отчукува како темпирана бомба. Од нас зависи!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0