15 октомври 2024
ПоследноПриказни од животот

Солзи и сеќавања на комеморацијата на Коби и Џиана

Во текот на вчерашниот ден, 24 Февруари, датум симболично избран поради бројот на дресот кој Коби го носеше во Лејкерси, беше одржана комеморацијата на кошаркарската ѕвезда, миленик на сите генерации, легендата Коби Брајант и неговата 13 годишна ќерка Џиана.

Пријателите, семејството, поранешните соиграчи, како и огромна легија од обожаватели го наполнија „Стејплс Центар“ во Лос Анџелес, оддавајќи трогателни, од срце искажани и испеани зборови на длабока почит, инспирација и љубов кон прерано заминатите Коби и Џиана, кои починаа во трагична несреќа со хеликоптер на 26 Јануари во Калабасас, Калифорнија.

Церемонијата започна со изведбата на Бијонсе, која беше претставена како многу близок пријател на фамилијата Брајант. „Јас сум тука бидејќи го сакам Коби и ова беше една од неговите омилени песни“, објасни Бијонсе додека ја изведуваше „XO“, првата од двете нумери заедно со „Halo“.

Со зачудувачки приказ на сила, неговата сопруга Ванеса Брајант излезе на сцената во чест на нејзините прерано заминати сопруг и ќерка. Таа ја пофали интелегенцијата на Џиџи, талентот, како и нејзината топлина, и кажа: „Таа ќе ме гушнеше толку силно, што можев да ја почувствувам нејзината љубов“, како и решеноста и чувствителноста на Коби, кој обожаваше да поминува време со својата ќерка.

Велејќи збогум на нејзината „сродна душа“, Ванеса рече: „Бејб, ти грижи се за нашата Џиџи – јас ги имам Нани, ББ и Коко. Ние сме сè уште најдобриот тим.“

Коби и неговата ќерка заедно заминаа на небото оставајќи позади себе трага на општеството, белег во срцата на луѓето, убави сеќавања, незаборавни моменти на кошаркарскиот терен и надвор од него. Тие вечно ќе живеат во нашите срца а сеќавањата на нив ќе се прераскажуваат со генерации понатаму.

Животот е краток и секој од нас треба да даде се од себе да го проживее онака како што сака, мечтае и сонува. Правете го она што ве исполнува, бидете опкружени со луѓе кои ги сакате и почитувате, дозволете си да бидете обземени со позитивна енергија која ќе ја ширите наоколу со својата насмевка и убав збор и секогаш живејте по свои правила. Уживајте и радувајте му се на животот, секој ден.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0