ЗДРАВЈЕ, здрави НАВИКИ и здрав РАЗУМ во новата 2022 година!

Нема нешто поважно и подрагоцено од нашето здравје! Без здравје нема живот! Ако сме здрави тогаш нема нешто што е недостижно за сите нас, бидејќи се останато ОД НАС ЗАВИСИ. Штом сме здрави тогаш светот е нашето игралиште а топката е пред нашите нозе. На нас останува како ќе ја играме играта наречена живот, дали ќе постигнеме гол, дали ќе се измориме и откажеме или ќе бидеме позитивни и упорни, односно дали ќе тренираме макотрпно за на крај да испаднеме победници и високо да го дигнеме пехарот на среќата. Затоа во новата 2022 година ќе ви посакаме најмногу од се добро ЗДРАВЈЕ!

Здравје имаме, но не значи дека со него треба да си играме и да го предизвикуваме на двобој. Затоа е многу важно во животот да имате и практикувате здрави навики, кои само добро можат да влијаат на вашето здравје. Никој не вика дека треба секој ден да јадете овесни каши, чиа пудинзи, десерти без засладувачи или комплетно да се одречете од „забранетата“ храна. Напротив, доколку не си се „почастите“ со некој хамбургер, компирчиња пржени, пица, руска со кифлички, палачинка или парче торта, тогаш цело време може црвчето да ве јаде и да сте преоптеретени со тоа. Нема потреба од откажување, бидејќи најважно од се е да имате баланс во исхраната. Конзумирајте овошје и зеленчук, хранете се здраво, но од време на време почастете го вашето тело со нешто што душата ви бара, па макар да е нешто од 7ца или Ројал! И не заборавајте да сте физички активни, што по дифолт не подразбира да трчате со километри или да искачувате планини, иако и тоа не би било лошо, но пешачете повеќе и прошетките нека ви бидат секојдневие. Затоа во 2022 година да ги одржите и стекнете нови ЗДРАВИ НАВИКИ кои ќе ви бидат ѕвезда водилка по патот на доброто здравје.

Никако не смееме да заборавиме на последното, но не и помалку важно, ЗДРАВИОТ РАЗУМ! Негувајте го и чувајте го како очите што си ги чувате! Мислете, носете одлуки, расудувајте со своја глава! Ако нешто ви дал Бог, тоа е правото да бидете господар на своите мисли! Ваша глава, ваши одлуки, ваш живот!

Не е лесно да се живее во земја како што е Македонија, со сето ова што ни се сервира, со целава политичка циркузијада на која сме сведоци веќе години наназад, со целата корупција и криминал која најдобро вирее на овие простори бидејќи почвата е добро наѓубрена од сите претходници, со партиска книшка како најмоќното оружје кое скоро сите го имаме во џебот а кое само не ограничува од сите можности кои животот ги нуди бидејќи ни сервира трошки од колачот и не прави робови и послушници на една обична партија!

Македонија е една прекрасна земја, каде народот има топла душа и срце широко ко планина каде тој сака убаво да живее, да се дружи и весели, да се напие по една љута ракија и да замези со добро друштво збогатено со убава македонска песна. Затоа во 2022 година ќе ви посакаме да го задржите и зајакнете ЗДРАВИОТ РАЗУМ, кој може да ве одведе на места за кои само сте сонувале и сте ги посакувале, а буквално ништо не ве спречувало освен самите вие да ги посетите, искусите и доживеете! 

ЖИВИ и ЗДРАВИ во новата 2022 година драги пријатели! Нека е среќна!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0