7 ноември 2024
ПоследноПриказни од животот

Зошто младите се иселуваат од Македонија?

Во срцето на Балканот, постои едно место каде сонцето топло грее, каде луѓето се дружељубиви, домаќински расположени, вистински соседи и пријатели, каде се готви и јаде вкусна гурманска храна, каде природата дала вистинско богатство од убавини. Таа има едно име – Македонија.

Ах, беа тоа убави времиња. Но реалноста има друго лице сега. Загаден воздух, ѓубре по улиците, намуртени и нервозни луѓе насекаде, невозможен сообраќај во текот на целиот ден во главниот град, зеленило претворено во асфалт, згради на секое ќоше, натрупано Скопје а од друга страна изумирање на останатите градови и села низ целата држава, раскарани фамилии, соседи кои не се познаваат, масовно иселување на младите во потрага по подобра иднина …. итн итн.

На што се должи оваа груба промена на една од најубавите држави во која животот беше приказна која ќе се прераскажува со децении натаму? Одговорот е едноставен :

Лошата политика која секојдневно ни се сервира е единствениот виновник!

Таа го држи народот како заложник во своите раце, бидејќи има моќ која самиот народ и го дала! Прават што сакаат, кога сакаат и како сакаат! До кога, останува да видиме.

Прво и основно е вработувањето како и заработката која се дава за завршената работа. Одлични ученици, првенци на генерација, со вистински факултети и знаење позади себе, немаат место каде да го докажат и покажат и воедно уновчат својот ум, информации и знаење кое го имаат, од едноставна причина што немаат некој кој ќе ги подбутне таму каде што им е местото, односно што немаат партиска книшка, не лепеле плакати, не се продале за еден мизерен сендвич, како и што не киснеле по партиски штабови за да бидат ставени на листа за да добијат работа! А тие се оние кои треба да ја водат државата. Тие знаат и умеат како, но некој погоре им ги сече крилјата кои тие широко ќе ги развиорат но некаде далеку од тука, каде се цени знаењето пред партијата!

Наместо нив имаме неписмен образовен кадар кој треба да ги моделира младите умови на нашите деца, нестручен докторски тим кој треба да лечи, не дај Боже да се разболиш, потплатена правда инсталирана во сите нишки на судството, непостоечки структури за животна средина, економија која постојано е во „експанзија“, дипломи кои може на секој чекор да се купат … Листата нема крај. Секоја чест на исклучоците од оваа „багра“, кои за жал се малку и се во истребување.

Затоа младите си одат. Тие едноставно не гледаат иднина за себе во оваа држава. Гледаат само беда, немаштија, неспособни, неписмени и неуки кои треба да им бидат шефови, колеги, претпоставени, задолжување со кредити кои ќе ги отплаќаат цел живот. За таква ли иднина некој сонува? Ни на јаве, а камоли на сон!

Кога државата ќе биде пред партијата, тогаш ќе не биде! 

Да не дозволиме во Македонија да останат само старите, пензионерите, болните и оние кои немаат можност да заминат оттука! Моќта е во народот! Кога ќе разбереме дека НИЕ сме силата на државата, НИЕ ја правиме државата и дека НИЕ сме тие кои ги држиме конците во раце, а не обратно, ТОГАШ Македонија ќе излезе од ова пусто место и време во кое сега се наоѓа!

Да не чекаме. Иднината е сега и таа ни припаѓа нам. За нас, за Македонија.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0