Дополнителни приходи на македонски начин

Ви текнува на изреката: „Џабе работи, џабе не седи“? Демек не го губи времето бескорисно. Епа какви времиња дошле, после работа штом се вратите дома, седењето е губење време и трошење пари. Бидејќи времето е пари, нели. Со оглед на тоа што платите „пораснаа“, со нив секако дојде до поскапување на се живо и диво околу нас. Потрошувачката кошничка со парите со кои сме ја полнеле некогаш и денес, немаат никаква допирна точка. Животот поскапува а условите остануваат исти. Тек струјата кога ќе ја качат, е тогаш ќе биде забавно.

Но, секогаш постои начин да се доработи, преработи, а со тоа и дополнително да се заработи. Ако некој е махер за „преживување“ во ова време-невреме, тоа е секако Македонецот. Ќе чепка, ќе прави, ќе креира, создава, препродава ама никако нема да се предаде. Капа доле на сите вас кои додавате шаренило и убавина во нашите животи со вашите креации, а со тоа ја дополнувате вашата месечна кошничка со уште поубави работи.
Се прашувате за што станува збор? Епа погледнете добро кој како го надополнува „слободното“ време и се труди на свој начин да заработи или доколку е хоби, тогаш да пополни онаму каде што фали.
Од плетење, везење, до креирање на разни накити, со употреба на разни техники, бои, иновација и имагинација. Торти, колачи, салати, до месено, тегнето, спакувано, спремно за трпеза. Не изостанува и препродажбата на интернет, од типот на купи од али-баба, експрес итн и препродавај со некоја маржа за заработка. Доставата е лична или по карго, кој како ќе се снајде или договори. Снајди се па живеј, а за сметка не прашувај.

   

   

 

   

   

Од убаво поубаво. Никогаш не се знае каде патот ќе ве одведе. Можеби и доколку ви се посреќи, наместо хоби ова може да ви прерасне во секојдневна работа. Ем уживање, ем заработка. Подобра ситуација, амин.

А вие драги мои, поддржете ги овие мали бизниси, овие вредни раце чиишто креации ви излагаат на фејсбук од време на време. Нема поубаво од уникатен и рачно изработен подарок, дали за вас или некој драг пријател.

Дали можеби вие имате некое вакво хоби? Дали би се осмелиле да го испратите јавно во етерот и да си ја пробате вашата претприемачка среќа? Размислете убаво … Од вешти раце, до полно срце, а богами и полн паричник.

Имајте убав ден и уште поубав викенд.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0