Роденден во игротека – НЕ или категорично ДА!

Игротека – место каде деца од претшколска возраст, во превод деца до 5 години, го слават својот роденден. Размислувањата околу прослава на роденден дома или во игротека се секако поделени. Не заборавајте ја возраста на децата кои го прославуваат својот ден во овие „од Бога дарени“ места.

Повеќето ќе речат дека е многу скапо. Да, но доколку само го откупите просторот, кој во себе ги вклучува сите можни реквизити, играчки, лизгалки итн и те како се исплати.

Некои ќе речат дека порано родендените се правеле дома и за послужување имало само сендвичиња (намачкани багет лепчиња), грицки, сокчиња и секако торта. Да, но тоа е за подоцна драги мои. Што ќе им послужите на дечињата од 2-3 годишна возраст кои секако не дошле за јадење туку само за играње и пријателски лумперај. Всушност целото послужување треба да го направите за родителите, бидејќи некој мора да ги донесе тие мали дечиња и да биде нон стоп покрај нив.

Родендените не се за родителите. Родендените припаѓаат на славениците и нивните пријатели. Тие се главни и вниманието треба да е насочено кон нив.

Замислете да соберете дома 10 мали дечиња (а замислете и повеќе), секое со своите родители. Ќе спремите некое ќоше за нив полно со играчките на славеникот, но не заборавајте дека и тие 20-тина родители треба не само да ги сместите, туку и да ги нагостите. И сега наместо да бидете околу детето и да се погрижите се да се одвива во најдобар ред, вие треба да принесувате, служите и да се грижите за возрасните наместо за дечињата. Или пак да се случи она балканското, татковците седат, мезат и муабетат, домаќинката служи, а мајките трчаат околу децата како муви без глави чекајќи побрзо дома да заминат. Некако не звучи убаво, нели?

Игротеките се створени точно за таа намена. Да бидете гостин на роденденот на вашето најмало и најмило. Младоста и детството се створени токму за уживање, лудување и другарување. Уживајте и вие со нив во овие луди години.

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0