За ВОЗДУХ во Македонија

Драги пријатели, сограѓани, политичари и продадени души,

За мене отсекогаш и засекогаш Македонија ќе биде најубавото место на земјата, место каде не ти е страв да излезеш на полноќ за да прошеташ и да те фати воздух затоа што си учел како луд за претстојниот испит; место каде излегуваш и се журкаш до сабајле иако утре те чека долг и напорен работен ден; место со најубавата природа и храна; место каде си пораснал и каде сакаш твоите идни поколенија да продолжат да живеат, блиску до своите најмили, без „топли“ он-лајн прегратки и бакнежи, тука, сега и засекогаш.

Бидејќи како помала живеев во Аеродром, прошетките во маало ни беа чести и долги, преплетени со милион дружби, разговори и секако неизбежните „тренерки“. Иако сега живеам на друго место во градот, овие прошетки сѐ и ќе останат нераскинлив дел од мене засекогаш. НО, има едно големо НО, а тоа е дека градот (и пошироко) е претворен во ГАСНА КОМОРА! Затворени по домовите како глувци во кафез, седиме и се надеваме дека наредниот ден ќе задува некое ветре и ќе ја оддува оваа мрачна смрдеа која го надвиснува градот.

Па знаете ли вие со колкава жар јас и моето мало дете го чекаме овој период од годината, кога целиот град е накитен и светкав, кое заради ВАС неможеме да го прошетаме и сум приморана детето да го чувам заклучено во четири ѕида? Ај дома затворени, ама неможеме ни прозор да отвориме да се проветри бидејќи ќе навлезе тоа отровот кој кружи надвор! Кога преку ден на 0 степени пече сонце, детето бара надвор ама загаденоста е толку голема што повторно одлучуваме да си поседиме дома! Зарем маска да му ставам на 2 годишно дете???

Winterland 2020 e во полн ек и сте се потрудиле да направите богата програма за мали и големи, но нели треба да се погрижите прво за воздухот па после за новогодишната забава? Што да дишеме додека слушаме добра музика? Да се гушиме ли? Или мислите ајде празници се, ќе не обземе веселиот празничен дух па ќе заборавиме на воздухот? Ма кој го врти чистиот воздух, дај ваму добра журка!

Епа моментални политичари, ВАС ве прашувам, дали имате грам совест?

Сите до еден и последен, знаеме точно кој, како и кога загадува и ни го отежнува животот кој и онака е тежок сам по себе. Ах, зарем јас кажав дека животот е тежок … Животот е прекрасен за оној кој знае како да го живее, ама верувајте БЕЗ ВОДУХ НЕ СЕ МОЖЕ!!!

Затворете ги загадувачите по секоја цена! Решение секогаш постои ама за тој што сака нешто конкретно да превземе! Сигурно и криминал е вмешан, но ако и ВИЕ не превземете нешто, тогаш тоа значи дека и ВИЕ сте дел од него!

Вратете го животот во Македонија, ама ве молиме почнете прво со враќање на ВОЗДУХОТ во Македонија! „Само“ за здравјето се работи, нели!

Писмо од една загрижена мајка!

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0