Застанете што и да правите и ЗАДОЛЖИТЕЛНО прочитајте го ова!

Дали сте почувствувале некогаш дека низ животот се движите по линија на помал отпор? Дека работите колку да е сработено, без некоја посебна жар во очите, желно чекајќи го викендот за да „одморите“ тие два дена, за пак да се вратите во тој магичен круг во кој шаренилото полека ја губи својата убавина, а сивилото ја завзема поголемата слика? Каде се губиме низ лавиринтот на животот? Дали сме веќе уморни од постојани борби, нанесени неправди, живот во кој политиката го има главниот збор, на сметка на која квалитетот и професионалноста го губат своето значење?

Каде исчезна емпатијата, рационалното размислување и расудување, ЛИЧНИОТ СТАВ, како и јачината на зборот кој се помалку од нас имаат храброст да го кажат како не би ги загрозиле на било кој начин својот углед, име, работа, па дури и фамилија?

Дали живците полека ни се тенчат, а трпението го губиме дури пребрзо? Дали и вие сте во многуте кои поминуваат на „портокалово“ (помеѓу жолто и црвено на семафор кога поминуваат најмалку 3 коли), а доколку тој пред вас не помине веќе ревносно свирите и довикувате пцовки? Дали пропуштате луѓе на пешачки премин? Дали давате предност на мајка со бебе во супермаркет, банка, пошта, каде и да е?

Каде се изгубивме на патот низ животот. Каде исчезнаа моралните вредности, етиката, домашното воспитување, општата култура? Дали е тоа поради погрешни насоки или тоа е веќе ритамот и општото расположение низ државата? Се помалку насмевки, се помалку топлина меѓу народот, меѓу блиските свои. Наместо да сме сплотени како никогаш досега затоа што баш ни е преку глава од се, ние ќе се испотепаме помеѓу себе! Народот никогаш не бил повеќе разделен и спротивставен, а сите се бориме за истите цели – убав и лагоден живот, во чиста средина, со чист воздух, безгрижно место под ова небо кое ќе им го дадеме на нашите деца …

Застанете за момент. Оставете се што правите и седнете малку. Размислете каде сте во моментов во вашиот живот и каде одите. Дали сте навистина среќни или се е тоа навидум, површно, далеку од она за кое сте сонувале и  мечтаеле како деца?

Никогаш не е доцна да станете и да го свртите животот во ваша полза. Да почнете од почеток, со убава мисла и душа исполнета со мотивација како во старите добри времиња кога со полет и безгранична енергија итавте кон целта.

Почнете од себеси, од тоа што е во вас. Време е да се ресетираат емоциите и да се почне од почеток.

Сакајте го ближниот и секој ден покажувајте му го тоа, преку едноставна насмевка, прегратка, бакнеж или убав збор. И во најтмурниот ден, дозволете му на сонцето да грее низ вашите гради. Толку мали и навидум незначајни работи, но едни од најголемите кои животот го прават убав. Не штедете на емоции. Кога сакате, гласно кажете „ТЕ САКАМ“! Гушкајте се повеќе, и нека љубовта биде ваше секојдневие.

Бидете подобар човек! Почитувајте ги луѓето околу вас, бидејќи секој за себе знае каков товар на грб си носи. Погледнете се себе, не ги судете другите.

И да, ЖИВОТОТ Е БОРБА! И треба да се бориме секој ден, со сети сили. Она што ќе го направиме денес, не го правиме само за нас, тоа ќе остане и за генерациите после нас. Да не замижуваме пред неправда! Да не дозволиме да ни ги затвараат очите, ушите и устата!

Ако не се сложуваме со нешто, гласно да го кажеме тоа. Бог затоа ни дал глас, да го кренеме а не да премолчуваме и подголтнуваме во себе! Ако сакаме децата да одат без маски во училиште, дајте да го исправиме тоа. Ако сакаме ова градежно лудило да сопре, ајде заедно да го спречиме! Сакаме да дишеме чист воздух, дајте да ги казниме загадувачите! Ние живееме на ова парче земја или сме банда духови кои само ќе прелетаат бесшумно, додека другите ни ја кројат судбината?

Време е за промени од корен, но секој мора да почне од себеси! Се буните што ги поскапеле кесите, а сите купувате еден куп пластика на секое пазарење. Направете го вие првиот чекор и бидете промената која сакате да ја видите во светот. Секој може, ако сака!

Дајте да се ресетираме сите од прв до последен, затоа што каде сме тргнале, тешко нас и на тие после нас. Македонија од најубавото место за живеење со најубавите, најведрите и пријателски расположени луѓе, ќе стане само една сива дупка каде владее безредие, каде народот е ставен во последен план, каде погрешни одлуки и луѓе ни ја кројат судбината, ја носат државата во бездна а човекот е како еден од мајмуните на сликата, ниту гледа, ниту слуша, ниту зборува.

Гледај. Слушај. Зборувај! Човек си! 

Земи го животот во свои раце! ТВОЈ Е! 

Like или Share? А може и двете ..
fb-share-icon0