Здрави и насмеани на патување во 2021 година
Минатата 2020 година беше година на повеќе лекции. Ги учевме, ги повторувавме, го тестиравме знаењето, и ја напуштивме со многу морални, етички и емотивни пораки кои останаа врежани во секој атом од нашите битија.
На прво место, на пиедесталот во животот, нешто без кое сите сме комплетно немоќни и парализирани за било какви животни активности е нашето ЗДРАВЈЕ! Залудно се сите пари на светот ако го немаме она што е најважно. Годината што измина не научи дека без здравје нема живот! Да се грижиме за своето здравје, како што повеќето од нас се грижат за својот изглед, гардероба, нокти, фризура и се останато кое го претставува нашето надворешно присуство. Сето тоа е минливо, само здравјето е вечно.
Здрава исхрана за високо ниво на енергија во текот на целиот ден, вежбање за одржување на нашето тело во одлична физичка подготвеност, прошетки на сонце за неопходниот витамин Д, вода за прочистување на сите отрови кои се наталожиле во организмот, и многу свежо овошје и зеленчук кои се на врвот на пирамидата на здравиот живот. Знаете како велат: „Во здраво тело, здрав дух“. Во здрав дух, силна волја. Каде има силна волја, има порив за чекор напред. Поривот за чекор напред не води кон освојување на сите планини, врвови, непристапни и пристапни места како во природата и светот, така и во нашиот ум, свест и потсвест.
Второ, но секако не помалку битно е нашето СЕМЕЈСТВО, нашите блиски, нашите пријатели, со еден збор луѓето без кои нашиот живот не би бил целосен. Сега видовме што значи да не можеме силно да ги прегрнеме, да ги почувствуваме нивните срца, да седнеме очи во очи и да поразговараме како што претходно сме го правеле тоа. Без саканите, без пријателите ние сме само единки кои сами лутаат низ празниот простор и бесмислено трагаат по својата вистина. Ние сме создадени да бидеме заедно едни со други, на соживот, на едно повисоко заедничко енергетско ниво каде некогаш и без зборови разговараме помеѓу себе, бидејќи сме умствено и емотивно поврзани. Ние сме створени да создаваме заедно и со тоа да бидеме зависни од присуството на луѓето кои се безмалку нашата втора половина во животот.
Трето, но не помалку важно од претходните две, е секако нашата СЛОБОДА! Слобода за дружба, слобода за прошетка низ природа во било кое време и на било кое место, слобода за лице без превез (маска) на лицето.
А каде е слободата за патување? Патувања на далечни дестинации, посета на егзотични локации, учење на древни цивилизации или едноставно слобода за да го осетиме мирисот на морето, далечниот океан, или посета на блискиот кој постојано го гледаме на камера, кој е оддалечен само неколку часа од нас, но во друга држава. Светот е создаден да се истражува, да се осознава, да се ужива. Без слобода на движење животот добива поинаква конотација во своето постоење. Живот во невидливи окови. Слободата значи живот.
Уште многу работи научивме за време на годината која измина, но овие неколку главни точки не смееме да ги заборавиме, во ниту еден момент да ги запоставиме и треба да се однесуваме кон нив како вистински дар кој ни е даден од Бога.
Чувајте се и чувајте ги своите блиски. Живејте го животот и уживајте во секој негов момент. Да сме живи и здрави, помудри и повесели во новата 2021 година.